ngo-capacity-building

Национална ТБ коалиција, активности за подигнување на свеста за ризиците од туберкулозата

2014 -2016

Формирана национална платформа за туберкулоза, одбележување на светскиот ден за борба против сида и туберкулоза

Национална ТБ коалиција беше формирана мај 2014 година, прва од ваков вид во Југоисточна Европа.

Како член на Коалицијата на ТБ Европа, МЕРЦ е инспириран од резултатите на граѓанските организации кои ги остваруваат на регионално ниво со помош на мрежата на Европската ТБ коалиција и со тоа го олеснува работењето на организациите во матичната земја.  Со поддршка на  Германската канцеларија за интернационален развој (GIZ) успеавме да оствариме иницијатива за формирање на национална ТБ платформа која најде широка поддршка од сите чинители во земјата. 

Коалицијата има за цел да ја унапреди соработката меѓу граѓанските организации кои работат на полето на спречување и контрола на туберкулозата. Работи како неформална платформа, која се обидува да најде решение на предизвикот на финансиска одржливост на услугите за туберкулоза на граѓанскиот сектор по заминувањето на Глобалниот Фонд од Македонија. Дополнително придонесува да се дефинираат приоритетите во обезбедување на ТБ услугите и ја олеснува интеграцијата и координацијата на активности кои се нудат од страна на граѓанските организации.

Коалицијата ја сочинуваат сите граѓански организации кои работат на туберкулозата во земјата и на состаноците присуствуваат и претставници од Министерството за здравство, механизмот на Националниот координативен (ССМ), Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Црвениот крст на Македонија и Светската здравствена Организацијата.

Прв состанок на ТБ коалиција

Мај 2014

Со формирањето на националната ТБ коалиција, која следува по  формирање на ХИВ коалицијата, се вложуваат напори за обезбедување одржливост на туберкулоза и ХИВ услуги во поглед на преминот од финансирање на Глобалниот фонд во 2016/17 година.

“Одбежување на 1ви Декември – светскиот ден за борба против ХИВ-СИДА”

По повод Светскиот ден за борба со сидата, МЕРЦ организира настан  за зголемување на свесност за туберкулозата како водечка причина за смртност на ХИВ позитивните лица во светот. Предстaвници на МЕРЦ споделија информации и промотивни матерјали на повеќе локации на територијата на град Скопје со цел населението да биде запознаено за начините како да се заштити од туберкулозата и ХИВ/СИДА.

Лицата кои живеат со ХИВ  26 до 31 пати имаат поголема веројатност да се разболат од туберкулоза во споредба со лицата без ХИВ. ХИВ и туберкулозата формираат смртоносна комбинација, едната болест придонесува за напредокот на другата. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) во 2013 година:

  • 360 000 лица починале од ХИВ асоцирана со туберкулоза. Околу 25% од смртноста на ХИВ позитивните лица се должи на туберкулоза
  •  Откриени се 1,1 милион нови случаи на туберкулоза помеѓу ХИВ позитивните лица, 78 % од нив биле од Африка
  • 550 000 деца биле заразени од туберкулоза и 80 000 ХИВ позитивни деца починале од туберкулоза

Туберкулозата е предизвикана од бактерија која најчесто ги напаѓа белите дробови. Туберкулозата се шири од едно лице на друго преку воздух. Најголем ризик имаат лицата со нарушен имунолошки систем, како лица кои живеат со ХИВ. Туберкулозата е болест која може да се спречи и да се лекува. Во Македонија вкупниот број на новооткриени лица со туберкулоза се движи околу 350 лица на годишно ниво..

Промотивни материјали

Светски ден за борба против сида 2014

“Одбежување на 24ти Март – светскиот ден за борба против туберкулозата”

Под мотото „Со спорт против туберкулозата“ се одбележа Светскиот ден на борба против туберкулозата. Штитениците од домот „11 Октомври“ во Скопје беа домаќини на спортски натпревар на кој испратија порака дека превенцијата и заштитата од болеста е единствен начин да се намали стапката на заболени.

По натпреварот децата имаа едукативен час на кој се запознаа што всушност е туберкулозата и како да се заштитат од неа, а одговараа и на квиз прашања што ги поставуваше пејачката Дани Димитровска.

Дававме голови и преку квиз дознавме многу информации. Всушност сакаме да ја подигнеме свесноста за туберкулозата како болест која постои, истакна Димитровска.

Туберкулозата е заразна болест која најчесто се пренесува преку воздухот, најчесто се инфицирани белите дробови, но може да бидат опфатени и другите органи. Здравиот организам обично успешно ја совладува инфекцијата и не дозволува појава на болест. Ако поради различни причини, имуниот систем не успее да ја совлада инфекцијата, тогаш организмот заболува од белодробна туберкулоза. Кај 5-10 отсто од инфицираните во текот на животот настанува туберкулозно заболување, а тоа се случува кога отпорноста на организмот ќе опадне од разни причини: нередовна и слаба исхрана, лоши хигиенски услови за живот и работа, преголем физички и психички напор, стрес, консумирање големо количество алкохол и цигари и друго.

Туберкулозата во светски рамки е на трето место како причина за смрт кај жените во репродуктивниот период и четврто место како причина за смрт кај жените од сите возрасти. Повеќе од половина милион жени умираат од туберкулоза секоја година..